Едно од најчесто поставуваните прашања што ги добиваме од клиентите е „Кој е процесот за регистрација на трговска марка на меѓународно ниво?“. Постојат два начини да ја регистрирате вашата трговска марка на меѓународно ниво. Едниот е преку Мадридскиот протокол. Другото е со ангажирање на локален адвокат да ја поднесе апликацијата за вас во секоја поединечна земја каде би сакале заштита на трговската марка.
Митот за заштита на трговска марка на меѓународно ниво
Мит што треба веднаш да се отфрли е дека постои начин да се регистрира трговска марка на меѓународно ниво што ќе ги опфати сите земји. Без оглед на тоа како аплицирате за вашата трговска марка на меѓународно ниво, секоја поединечна земја ќе ја разгледа вашата апликација и ќе ја одобри или одбие врз основа на нивниот локален регистар. Единствен исклучок овде е Европската Унија. Во ЕУ постои една трговска марка наречена европска трговска марка (EUIPO) која ќе ги покрие сите земји на ЕУ.
Предности на Мадридскиот протокол за меѓународна заштита на трговска марка
Мадридскиот протокол е глобален систем со цел поедноставување на процедурата за заштита на трговска марка на меѓународно ниво. Протоколот дозволува стандардна апликација да биде пополнета и доставена до која било земја потписник на овој договор без да се ангажира адвокат во локалната земја.
- Со едно барање може да се оствари заштита за повеќе од 100 земји кои се членки на Мадридскиот договор
- Се плаќа една такса
- Се користи еден јазик, англиски или француски
- По извршената меѓународна регистрација преку Мадридскиот систем, носителот на меѓународната трговска марка може да изврши територијално проширување на заштитата на таа трговска марка за други држави.
- Со едно барање може да направи впишување промени, пренос, лиценца и продолжување на важноста на таа трговска марка за некои или за сите земји кои се опфатени со регистрацијата.
Така, она што можете да го направите е преку Државниот завод за индустриска сопственост да поднесете една апликација до меѓународна организација наречена Светска организација за интелектуална сопственост (WIPO), и да го штиклирате полето за секоја поединечна земја за која сакате да имате права.
Недостатоци на Мадридскиот протокол
Пријава за меѓународна регистрација на трговска марка се поднесува врз основа на национална пријава или регистрација на таа трговска марка. Пред да ја поднесе пријавата за меѓународно регистрирање, подносителот мора прво да поднесе пријава за признавање на национална трговска марка или да е носител на национална трговска марка регистрирана пред ДЗИС.
Во првите 5 години од датата на меѓународната регистрација меѓународната трговска марка е поврзана со националната пријава или регистрација. По истекот на 5 (пет) години од датата на меѓународната регистрација, меѓународната трговска марка станува независна од основната регистрација.
Доколку националната пријава биде одбиена во целост или делумно, истата судбина ќе ја следи и меѓународната трговска марка. Односно, меѓународната трговска марка ќе биде избришана или нејзиното важење ќе биде ограничено.
Ако националната регистрација во првите 5 години од датата на меѓународната регистрација на меѓународната трговска марка од било која причина престане да важи во целост или делумно и меѓународната трговска марка ќе биде избришана или нејзиното важење ќе биде ограничено.
Постапка меѓународна регистрација на трговска марка
Постапката за заштита на трговска марка на меѓународно ниво започнува со поднесување пријава за меѓународна регистрација пред ДЗИС.
Пријава за заштита на трговска марка на меѓународно ниво може да поднесе физичко лице кое е државјанин на Македонија или има престојувалиште на територијата на Македонија. Исто така, пријава може да поднесе и правно лице кое има сериозно и стварно претпријатие на територијата на Македонија.
Пријавата се поднесува на англиски или француски јазик.
Содржина на пријавата за меѓународна регистрација
Пријавата мора да содржи барање за меѓународно регистрирање на трговска марка на Образец МТМ-4.
Кон барањето за меѓународно регистрирање на трговска марка се поднесува:
- Изглед на знакот ако знакот е фигуративен, во три примероци
- Список на производи и услуги на англиски или француски јазик
- Доказ за платена такса за поднесување на барањето пред Заводот и такси согласно Протоколот на Мадридскиот договор
- Уредно полномошно ако пријавата се поднесува преку застапник
По приемот на пријавата за меѓународна регистрација, Заводот испитува дали пријавата е поднесена во согласност со одредбите на Правилникот.
Уредната пријава Заводот ја доставува до WIPO во согласност со одредбите на Мадридскиот протокол и Правилникот на Мадридскиот протокол.
Заклучок
Заштита на трговска марка на меѓународно ниво е сложен и долготраен процес кој бара консултација со експерт во областа. Мадридскиот протокол нуди решение за рационализирање на процесот на меѓународна регистрација. Тоа ќе им овозможи на бизнисите да го прошират досегот на нивниот бренд низ повеќе земји. Ако барате насоки и помош за заштита на вашиот бренд на глобално ниво, контактирајте ја нашата агенција денес. Нашиот тим од експерти е подготвен да помогне да ги заштитите правата на интелектуална сопственост на вашиот бренд ширум светот.